Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Антонио Милошоски испрати писмо до својот грчки колега, Димитрис Друцас во кој побара поддршка од Република Грција за донесување на одлука за почеток на пристапни прговори на ЕУ со Република Македонија, во пресрет на претстојните состаноци на Советот на ЕУ и Европскиот Совет:
„Почитуван колега,
Ја користам оваа прилика, во светлина на претстојните состаноци на Советот на ЕУ и Европскиот Совет во декември 2010, да побарам Ваша поддршка за донесување на одлука за почеток на пристапни преговори на ЕУ со Република Македонија.
Како што Ви е познато, во Пакетот за проширување за 2010, Европската комисија ја обнови препораката за отпочнување преговори за пристапување со мојата земја, признавајќи ги нашите постигнувања во изминатата година и потврдувајќи дека остануваме подготвени да се соочиме со предизвиците од следната фаза на пристапниот процес.
Мојата земја втора година по ред се квалификува да ги почне пристапните преговори, а полни пет години е кандидат за членство во ЕУ без отворени преговори. Ваквата статусна состојба е неодржлива, како за земја-кандидат која следниот месец ќе воспостави целосна трговска асоцијација со ЕУ согласно Спогодбата за стабилизација и асоцијација, така и за кредибилитетот на ЕУ и на политиката на проширување.
Република Грција како најстара земја-членка на Европската унија во нашиот регион и докажан пријател на политиката на проширување, преку Солунската Агенда, а денес и со иницијативата Агенда 2014/2018, може да го даде клучниот придонес во ревитализацијата на Европската интеграција на целиот регион. Вашата поддршка за донесување на одлуката за почеток на пристапни преговори со Република Македонија ќе го даде неопходниот политички импулс за тоа. Со ваквиот чекор заеднички ќе ја поттикнеме и неопходната позитивна клима на доверба во меѓусебните односи за трајно разрешување на последната билатерална разлика со одржливо решение прифатливо за обете земји и народи, во интерес на регионалната и европската стабилност и просперитет.
Примете ги, почитуван колега, изразите на моето највисоко почитување. “